Честопати во животот спојуваме „повеќе нешта – во едно“: бифокални наочари, шампон и регенератор, „паметен“ телефон, гуми за сите годишни времиња… Да немаа бенефити, овие нешта сигурно немаше да бидат ниту измислени, ниту ќе се употребуваа. Секако, имаат и маани, а овде сме да се потсетиме што тоа значи – кога се гумите во прашање.
Законот, а и безбедноста, налагаат користење на гуми со зимски перформанси во текот на зимскиот период, односно во периодот од 15ти Ноември до 15ти Март. Промената на гумите од летни во зимски и обратно создава поголеми трошоци за промена и балансирање, како и грижи за чување на гумите вон сезона. Ова е секако најважниот аргумент во прилог на гумите за сите сезони.
Но пред да донесеме дефинитивна одлука, треба да се потсетиме дека:
Користењето на гуми за 4 сезони има логика во овие 2 случаи:
– Ако возиме прилично малку – ако поминуваме поголем број километри годишно, заштедата на пари нема да се исплати за жртвата што би ја направиле во изгубените перформанси (кочење, тргнување, управливост), кои некогаш се животно пресудни. Во зависност од тоа колку долго траат, можно е имањето на два посебни сета гуми да не биде поскапо.
– Финансиски момент – ни фалат и зимски и летни гуми, а немаме никаков начин да си ги дозволиме двата сета на краток рок.
При изборот на гумите за сите сезони, битно е да сме свесни дека – на краток рок (и само на краток) ќе заштедиме пари, но на долг рок – ќе изгубиме перформанси:
– Зимските гуми имаат уникатна шара прилагодена за „зимски ситуации“, исто така – и летните. Така, зимските гуми имаат подлабока и поситна шара, поголем број на елементи (блокови) дизајнирани за ефикасно прилепување на патот во зимски услови како дожд, снег, итн. Гумите за 4 сезони мора да направат спој на „летниот“ и „зимскиот“ дизајн што резултира со задоволителни, но не и најдобри перформанси и во лето и во зима.
– За производство на зимските гуми се употребуваат посебни смеси кои ја одржуваат гумата пофлексибилна на студени температури; oд друга страна, таквата смеса во лето е претерано мека и забрзано се троши. На студени температури смесата на четири сезонската или летната гума – се стврднува. Зимските гуми обично се малку поскапи од летните затоа што се направени од поскап материјал кој што овозможува да ги задржат карактеристиките при ниски температури. Материјалот кој се користи за да се направат зимските гуми е помек, но исто така се троши побрзо од тој кој се користи за четири сезонски гуми, ако се користи во несоодветни временски услови. Летните гуми користат материјали за возење на повисоки температури, и истите во зима се премногу цврсти и не овозможуваат добро кочење, тргнување и управливост. Гумите за 4 сезони даваат малку од едното и малку од другото. Ја покриваат законската обврска, но се губи на перформанси во текот на целата година. Исто така, се „добива“ зголемено трошење и бучава во одредени временски услови во кои зимските или летните гуми би имале идеални перформанси.
– Тестовите во кои се споредуваат перформансите на зимски, летни и гуми за сите сезони покажуваат дека гумите за сите сезони се наоѓаат на средина: во лето се полоши од летните, но секако подобри од зимските гуми; во зима се полоши од зимските, но секако се подобри од летните гуми. Тие се негде помеѓу добрите зимски и добрите летни гуми, што значи дека ги немате идеалните гуми ниту во топлата сезона ниту во ладната.
Ако ни е битно да заштедиме на краток рок – би можеле да избереме гуми за сите сезони. Ако сакаме да бидеме целосно функционални и со максимално ниво на безбедност во зима – зимските гуми се подобар избор.