Понекогаш може да се најдеме во ситуација да купиме само 2 нови гуми, наместо 4.
Можеби сме ја оштетиле едната гума, па ставаме 2 нови. Или, финансиски не сме во можност одеднаш да купиме 4, па купуваме 2. Или, пак, се случува гумите од едната осовина да се за менување, а од другата – да се во солидна состојба.

Се поставува прашањето – на која оска да се постават двете нови гуми?
Се разбира, прашањево е валидно само ако возилото вози исти гуми на сите 4 тркала.
Кај нас вообичаена практика е во вакви случаи новите гуми да се стават напред. Како причина се наведува дека тоа се погонските тркла, но ТОА Е ПОГРЕШНО.
Секогаш подобрите гуми треба да одат на задната оска.

Еве зошто.
На табелата е прикажана контактната површина на гумите со патот при различни брзини во услови на дожд (3mm вода).
Предните гуми и да не се во одлична состојба не е проблем, бидејќи Вие секогаш имате контрола врз нив. Контролирате со папучата за гас, а после со воланот.
Со воланот контролирате во која насока се движат гумите. Со педалата за гас контролирате колку силно да вртат односно да успоруваат. Тоа се моменти кои ги немате на задната оска. Кога задната оска Ви пролизгува, можете да пробате да го вратите возилото во линија со корекција на воланот во спротивна насока од која што лизга возилото. Но тоа е се што може да направите.
Проблемот уште толку се зголемува кога се вози во услови на дожд. На повисоки брзини може да дојде до аквапланинг.
Аквапланинг е состојба при која шарата на гумата не може да ја распрска водата како што треба и губи контакт со асфалтот (пролизгува). Ова е повеќе изразено кај полесни возила. Помало и полесно возило со поширока гума би предизвикало аквапланинг на помала брзина отколку потешко возило со потесна гума и подобра шара.
Монтирањето 2 нови гуми на задната оска може да ја направи разликата помеѓу излизгување од патот или враќање на возилото под контрола.
Затоа следен пат кога ќе бидете во таква ситуација – подобрите гуми ставете ги на задната оска.
